Top Sport

Во Палермо е постигнат најбизарниот автогол во Италија! (видео)

Клубот на македонските репрезентативци Илија Несторовски и Александар Трајковски стигна до 3:0 победа над Асколи во 17. коло од Серија Б за да останат на првото место како први кандидати за влез во елитата, но мечот ќе биде одбележан по бизарниот автогол на голманот на гостите.

Голманот Филипо Перукини во 26. минута од мечот, во обид да го избегне противничкиот фудбалер Стефано Морео едноставно си ја внесе топката во голот, на чудење на публиката на „Ренцо Барбера“ што нормално на социјалните мрежи веднаш донесе обвинувања за „местенка“.

Палермо, сепак, до крајот на мечот постигна уште два гола, прво преку Бугаринот Ивајло Чочев, а потоа преку Полјакот Пжемислав Шимински за да нема сомнеж на победата. Александар Трајковски одигра 90 минути за клубот од Сицилија.

Палермо има 34 поени пред Бреша со 31 и уште четири тима со 29 поени.

Scroll to Top