Top Sport

Во понеделник пак најбогатиот меч во светот на фудбалот – Вила и Дерби за 170 милиони фунти

Астон вила ќе играат со Дерби каунти во баражот за пласман во Премиер лигата во понеделник, во тоа што веќе подолго време е најбогатиот фудбалски меч во историјата на фудбалот, со 170 милиони фунти „награда“ покрај местото во англиската елита.

Астон вила се во „аут“ веќе три сезони, додека Дерби се „заглавени“ во Чемпионшипот од последното испаѓање во 2008 година.

Вила, под водство на Дин Смит, се мали фаворити во финалето, бидејќи имаа низа од 10 победи едноподруго, која заврши во полуфиналето кај градските ривали Вест Бромвич албион.

„Моментот мора да се заддржи. Имаме многу за играње во тоа финале, така што мораме да сме подготвени“, вели Смит, кој го замени Стив Брус на „Вила парк“ во октомври.

Дерби пак, под водство на легендата на Челси, Френк Лампард, стигнаа до фантастична 4:2 победа на гости кај Лидс јунајтед за да добијат пат до „Вембли“.

„Чувството дека се борите за куп беш добро за нас. Потребно ни е да имаме менталитет на голем меч“, вели Лампард, кој ќе се судри со својот поранешен соиграч Џон Тери, кој е помошник на Смит кај ривалите.

Двата клуба имаат голема историја зад себе. Вила се седумкратни англиски шампиони и освојувачи на европската титула во 1982 година, додека Дерби имаат две титули во 1970-тите.

Норич сити и Шефилд јунајтед веќе имаат обезбедено место во Премиер лигата, што ќе им донесе барем 170 милиони следната сезона. Доколку клубовите успеат да опстанат во лигата барем уште една сезона, таа сума ќе скокне на минимум 300 милиони фунти.

Тие 170 милиони се добиваат прво како награда за играње во Премиер лигата, која изнесува 95 милиони фунти, плус дополнителни 75 милиони фунти доколку веднаш испаднат во сезоните 2020/21 и 2021/22. Минатогодишните победници на баражот, Фулам, веднаш се вратија во Чемпионшип.

Scroll to Top