Избраниците на Жозе Мурињо – фудбалерите на Рома запишаа нов неуспех во 12-тото коло од Серија А. Попладнево „волчицата“ со пресврт во второто полувреме загуби со 3-2 кај тимот на Венеција.
Домашните одлично го отворија мечот против фаворитот од главниот град. Во 3. минута Калдара носи предност од 1-0.
Сепак, гостите со два гола, најпрво на Шомуродов во 43 минута, а подоцна и на Абрахам во судиското надополнување на првиот дел дојдоа до предност од 2-1 на полувреме.
Во вториот дел, иако гостите беа во најмала рака рамноправни на теренот, домашните знаеја како да стигнат до целиот плен.
Во 65 минута асистентот при првиот гол Араму од пенал носи израмнување, а стрелец на погодокот за победа од 3-2 беше Окереке во 74 минута.
По минатонеделниот домашен пораз од Милан на „Олимпико“, Рома со денешните загубени бодови останува на 5. позиција со 19 поени.
Венеција, пак, стигна до третиот сезонски триумф доволен за 14. позиција во моментов.