Последниот меч од 19. коло во англиската Премиер лига уште еднаш покажа зошто англискиот фудбал е толку популарен, откако Вулверхемптон успеа во драматичен меч да се врати за неверојатна 3:2 победа над шампионот Манчестер сити, практично ставајќи крај на надежите на тимот на Пеп Гвардиола за одбрана на титулата – Ливерпул сега бега 14 поени со натпревар помалку.
Тонот на мечот беше решен уште во 12. минута, кога голманот Едерсон доби директен црвен картон откако по една долга топка на Вулфс излезе надвор од шестнаесетникот и го фаулираше противничкиот напаѓач.
И покрај ова, токму „граѓаните“ дојдоа во водство во 25. минута, кога беше досуден пенал по фаулот над Ријад Марез, кој исто така не помина без контроверзи. Откако првиот обид на Рахим Стерлинг голманот на домаќините, Руи Патрисио го одбрани, судијата Мартин Еткинсон реши дека тој мора повторно да се изведе бидејќи тој излегол предвреме од својата линија. И во повторениот обид, Руи Патрисио одбрани, но одбиената топка дојде повторно пред Стерлинг, кој овојпат беше безмилосен.
Стерлинг го постигна и вториот гол за Сити во 50. минута од мечот кога во една контра доби фантастична топка од Кевин де Брујне и го лобуваше голманот за 2:0 водство.
Сепак, Вулверхемптон во 55. минута намалија на 1:2 кога фантастичниот Адама Траоре од огромна далечина со помош на стативата го совлада Клаудио Браво. Во 82. минута, „волците“ стигнаа до заслуженото израмнување, кога моќниот Траоре освои топка од гол-линијата и со одлична асистенција го најде Раул Хименез за 2:2. Траоре има седум гола и шест асистенции оваа сезона во Премиер лигата.
Во 90-тата минута, „волците“ стигнаа до трите поени и скокнаа на петтото место на табелата со 30 поени, поен пред Тотенхем на пример и два пред Манчестер јунајтед.