Top Sport

Волкот „удри“ по своите за ново разочарување за Арсенал, Алиоски и Лидс ги здробија Њукасл

Тео Волкот стрелаше против „својот“ Арсенал за да донесе на Саутемптон 1:1 реми на „Емирати“ во уште еден разочарувачки меч за „топчиите“, и уште еден меч кој го завршија со 10 играчи.

Поранешниот фудбалер на Арсенал ја стресе мрежата на Лено уште во 18-тата минута за да ги налути фановите на „топчиите“ со својата прослава, но тимот на Микел Артета успеа да се врати во игра во 58. минута со редок гол на Пјер-Емерик Обамејанг. Сите надежи дека може да се стигне до трите поени беа уништени кога Габриел за само четири минути доби два жолти картони, оставајќи ги домаќините со играч помалку, еден меч откако Гранит Џака исто така доби црвен картон.

Арсенал остануваат 15-ти со 14 поени, додека Саутемптон пропуштија шанса да избијат на првото место на табелата пред дербито Ливерпул-Тотенхем и остануваат трети со 24 поени, еден поен зад тие два клуба.

На „Еланд роуд“, пак, македонскиот репрезентативец Езѓан Алиоски се запиша во листата на стрелците во мечот со седум гола, во кој Лидс со 5:2 ги декласираше Њукасл. Алиоски стрелаше во 85. минута за 4:2 водство, а голови постигнаа и Бемфорд, Родриго, Далас и Херисон.

Евертон сврзаа две победи во низа за да се искачат на петтото место на табелата по импресивниот 2:0 триумф на гости кај Лестер. Ришарлисон во 21. минута и Мејсон Холгејт во 72. минута ја обезбедија победата за тимот на Карло Анчелоти.

ПРЕМИЕР ЛИГА, 13.КОЛО

Арсенал – Саутемптон 1:1

Лидс – Њукасл 5:2

Лестер – Евертон 0:2

Scroll to Top