Top Sport

Време е за големи работи – ПСЖ ќе се бори за европска круна

Кога во 2011 година, Насер Ал-Хелаифи и катарските милиони пристигнаа на „Паркот на принцовите“ целта беше јасна – Пари Сен-Жермен да стане европски великан, под кого се тресат сите многу пославни европски клубови.

Сега, девет години подоцна и по потрошени стотина милиони евра , тоа е на дофат, откако „светците“ со 3:0 го победија РБ Лајпциг и се пласираа во големото европско финале, каде што го чекаат подобриот од дуелот помеѓу стариот ривал од Лига 1, Лион и моќниот Баерн Минхен, кој веќе ја покажа својата сила со 8:2 „демонтирањето“ на Барселона.

Тимот на Томас Тухел нема да се смета за аутсајдер без разлика на противникот во финалето, посебно со оздравениот Килијан Мбапе, со Нејмар, со Анхел ди Марија во тимот. Ова е прво финале во Лигата на шампионите за ПСЖ, и шанса да се освои вториот европски трофеј, по тој од Купот на победниците на купови во 1996 година.

Отпорот на „бикот“ од источна Германија беше скршен во првото полувреме. Уште во 12. минута, Маркињос по една совршено нафрлена топка на Анхел ди Марија ги натскока сите и ги донесе во водство, а по низата промашувања и гредата на Нејмар, во 42. минута, Ди Марија, кој доби шанса пред Мауро Икарди, да добие добра топка од Нејмар и да зголеми на 2:0.

Иако Лајпциг имаше добар старт на второто полувреме, сите надежи за можен спектакуларен камбек беа скршени во 56. минута кога Жоан Бернат некако успеа да избегне офсајд и по нафрлањето на Ди Марија (повторно!) да зголеми на 3:0.

Scroll to Top