Вечерва ќе бидат формирани полу-финалните двојки во Лигата на шампионите, односно Ајакс и Барселона ќе ги дознаат своите противници во оваа фаза. На програмата се реванш натпреварите помеѓу Манчестер сити и Тотенхем, односно Порто и Ливерпул.
Англиксата пресметка на „Итихад“ во Манчестер ќе привлече поголемо внимание од дуелот во Порто, каде домаќинот е пред (не)возможна мисија да ја стигне предноста на Ливерпул од два гола.
Многу пари изминатите години се вложени во тимот на Манчестер сити со цел да се воспостави доминација во Англија и да се освои Лигата на шампионите. Во Премиер лигата „граѓаните“ делуваат импресивно неколку сезони, но во Лигата на шампионите само еднаш успеале да стигнат до полу-финалето, во ерата на Мануел Пелгрини.
Пеп Гвардиола и неговиот тим ќе има тешка задача против конкурентот од Премиер лигата, Тотенхем. Екипата на Маурицио Покетино има предност од 1:0 по првиот меч, но и големи проблеми бидејќи ќе игра без најдобриот играч Хари Кејн, а неизвесен е настапот и на Деле Али.
Во отсуство на Кејн, главната опасност за голот на Сити ќе доаѓа од Хјон-Мин Сон и Лукас Моура, кој во саботата го постигна првиот хет-трик во Премиер лигата.
Сити се комплетни, само прашање е дали Гвардиола повторно ќе комбинира со составот, како што направи на првиот меч во Лондон, кога на клупата ги остави Лирој Сане и Кевин Де Брујне, а Бернанрдо Силва воопшто не беше во протоколот.
Инаку, Манчестер сити денес го прославува својот 124 роденден, прашањето е дали Тотенхем можат да им ја расипат роденденската атмосфера.
Според резултатот на „Драгао“ во Порто не треба да има неизвесност. Ливерул има сигурна предност од 2:0 по првиот меч, во кој Порто не успеа преку Марега да искористи две добри шанси за гол.
Натпреварите во Манчестер и Порто ќе започнат во 21 часот.