И покрај воената состојба која трае со месеци, закажан е стартот на украинското фудбалско првенство. Првенството ќе започне на 23.август, одлучи Фудбалскиот сојуз на Украина.
Натпреварите ќе се играат без присуство на публика, а на секој стадион ќе бидат направени засолништа доколку се активираат сирените за воздушна опасност.
Фудбалот во Украина „запре“ уште во февруари, кога почна руската воена интервенција, а последниот натпревар во првенството се одигра во декември минатата година.
Првенството беше прекинато и никој не беше прогласен за шампион минатата сезона, иако Шахтјор Доњецк беше прв во моментот на прекинот.
Шахтјор и Динамо Киев ќе настапат во Лигата на шампионите. Тимот од Доњецк е веќе во групната фаза, додека Динамо ќе игра во квалификациите, а своите „домашни“ натпревари ќе ги игра во Варшава и Лоѓ.