Top Sport

Зајц го „казни“ киксот на одбраната, Македонија губи со 1:0 на полувреме (видео)

Македонската фудбалска репрезентација мора да одигра подобро второ полувреме на „Стожице“ во Љубљана, откако по првите 45 минути од квалификацискиот меч за Европското првенство во 2020 година има негатива од 1:0.

Мечот започна со брзо темпо на двете страни, но и со многу фаули и малку вистински конкретни шанси. Словенците имаа малку повеќе од поседот на топката, но освен еден обид, кој Столе Димитриевски одлично го одбрани, првите половина час немаше поконкретна шанса.

Сепак, во 34. минута, Словенија дојде во водство, откако Андраж Шпорар упати убава топка во шестнаесетникот, а лошата поставеност на нашата одбрана му дозволи на напаѓачот на Фенербахче, Миха Зајц да го совлада Димитриевски само неколку моменти откако Македонија имаше одлична шанса со проигрувањето на Пандев и Елмас.

Концентрацијата падна во нашата одбрана и во 40-тата минута, Словенците повторно имаа добра шанса, но за среќа Димитриевски повторно беше на место, за само три минути подоцна повторно да биде „тесно“ пред нашиот гол. Најдобрата шанса за Македонија беше во финишот на полувремето, кога Енис Барди доби одлична топка во шестнаесетникот, но шутираше високо над голот.

Scroll to Top