Фудбалската репрезентација на Македонија одигра реми без голови (0-0) на гостувањето кај Белгија, го зачува голот на Столе Димитриевски и исполни клучна цел во квалификациите за Светското првенство. И понатаму е на првата позиција во групата.
Дефанзивецот Ѓоко Зајков го истакна карактерот на тимот.
„Игравме храбро и дисциплинирано. Против такви противници не е лесно да се надигруваме, но покажавме срце за Македонија и успеавме да извлечеме бод. Ова е голем резултат на гостински терен, но реалноста нè чека – за три дена имаме нов важен натпревар и мораме да се подготвиме за три бода ако сакаме место на Мундијалот.“
Зајков додаде дека целата екипа покажа сплотеност.
„Не само дефанзивците, туку и Столе, играчите од средниот ред и нападот дадоа сè од себе. Кога се игра за Македонија, се остава срце на терен и се прави сè за да се исполни целта.“