Top Sport

Занети: Интер има сериозни финансиски проблеми, Сунинг за малку ќе го продадеа

Спортскиот директор на Интер и легенда на клубот, Хавиер Занети во интервју за аргентинскиот весник „Ла насион“ признава дека „нераѕурите“ и покрај освоеното скудето имаат „сериозни“ финансиски проблеми и дека за малку ќе се случела продажба во сред сезона.

„Вистина е дека во средината на сезоната клубот беше блиску до продажба. Поминувавме низ сериозни финансиски проблеми, иако не бевме единствен клуб со такви проблеми во оваа сериозна ситуација. Како клуб, можеме да бидеме подобри, тренерот направи нешто посебно во последните две години и сега мораме да одиме на нешто повеќе. Финансиските проблеми остануваат и може да бидат потребни неколку години да се вратиме на нормала“, признава Занети.

Токму тешката финансиска состојба на најголемите европски клубови може да биде оправдување за проектот за Европската Суперлига, во која Интер беше еден од 12-те клубови, но бргу се повлече по притисокот од јавноста.

„Идејата не траеше долго и фановите го кажаа своето. Не мислам на фановите на 12-те клуба, туку на сите фудбалски клубови. Тоа беше грешка и од грешките се учи. Ќе мораме да помогнеме на ФИФА и УЕФА на поинаков начин да го подобрат светскиот фудбал“, вели Занети.

Scroll to Top