Аргентинската јавност треба да сфати дека Лионел Меси не може сам да ја донесе светската титула, вели поранешниот репрезентативец, Хавиер Занети барајќи поддршка за мега-ѕвездата на Барселона.
Меси, речиси самиот успеа да ја „одвлечка“ Аргентина на Мундијалот, откако во последниот одлучувачки квалификациски меч постигна хет-трик за победа над Еквадор на гости, и сега очекувањата се големи откако на минатото СП, Аргентина загуби во финалето од Германија. Занети вели дека соиграчите на Меси мораат да му дадат поддршка.
„Меси е исклучителен фудбалер, но на Светското првенство има 11 играчи на теренот и секој треба да ја одигра својата улога. Знаеме дека тој е човекот кој може да направи нешто посебно од ништо, кој знае да го поведе тимот и да го реши мечот, но Хорхе Сампаоли мора да има алтернативи“, вели Занети, кој во својата долга кариера имаше 143 настапи за Аргентина.
На аргентинскиот тим дефинитивно не му недостасува талент, посебно во нападот, меѓутоа дел од тие играчи не добиваа шанса под Сампаоли. Занети се надева дека напаѓачот на Јувентус, Гонзало Игуаин може да биде дел од 23-члениот тим за Русија, но посочува дека и Пауло Дибала и Мауро Икарди мораат формата за клубот да ја пренесат во репрезентацијата.
„Има многу промени во персоналот. До неодамна, Пипита (Игуаин) беше несомнен број 9. Сега Мауро Икарди ја доби шансата, која е заслужена по неговите игри за Интер. Тој мора да биде корисен за тимот, но тоа не значи дека Игуаин не треба да биде во тимот. Имаме среќа што во нападот имаме богат тим, од Пипита до Икарди, Меси и така натаму“, завршува поранешниот капитен на Интер.