Потпретседателот на Интер, Хавиер Занети уште еднаш го повика својот аргентински сонародник Лаутаро Мартинез да ги игнорира повиците од Барселона, велејќи дека за „нераѕурите“ напаѓачот е клучен човек.
Мартинез стигна на „Сан Сиро“ во 2018 од Расинг клуб и иако на почетокот не добиваше многу простор за игра, по заминувањето на Мауро Икарди, оваа сезона тој постигна 16 гола во 31 меч во сите натпреварувања пред стопирањето на сезоната. Перформансите донесоа голем интерес на Барселона, и според некои извештаи тие го поставиле Аргентинецот како прва мета во летниот преоден рок покрај Нејмар. Занети се надева дека нема да биде така.
„Пресреќен сум што толку зборуваме за Лаутаро. Ние потпишавме договор со него кога беше најветувачкиот фудбалер во Аргентина и уште тогаш зборував со Диего Милито, мојот поранешен соиграч и фудбалски директор на Расинг дека тој ќе биде голем фудбалер. Има само 22 години и го гледам како тренира секој ден. Мене ми изгледа среќен и се надевам дека ќе го заддржиме во Интер долго време. Тој е многу вреден човек за Интер“, вели Занети.