Првата фаза од продажбата на билетите за Европското првенство во 2024 година што ќе се игра во Германија ќе започне во вторник на 3 октомври, потврди во понеделникот УЕФА.
Во првата фаза билетите ќе се продаваат од 3 до 26 октомври, а ќе бидат продадени 1,2 милиони билети. Во оваа фаза ќе бидат достапни и најголем број влезници кои се наменети за продажба на локалните навивачи, бидејќи засега се знае само кога и каде ќе игра домашната екипа.
Термините на останатите натпревари ќе бидат познати дури по ждрепката која е закажана за 2 декември и ќе се одржи во Хамбург.
Секој заинтересиран навивач може да „лицитира“ за четири влезници во оваа прва фаза. Датумот на купување не е важен бидејќи, во случај на зголемен интерес, се ќе се решава со ждрепка. Еден навивач може да купи билет за само еден натпревар во еден ден бидејќи, според организаторите, стадионите се премногу далеку за да присуствуваат на два натпревари во еден ден.
Цените се движат од 30 евра за натпревари во групната фаза до 1.000 евра за најскапите билети за самото финале кое ќе се игра во Берлин.
Оние кои ќе се пријават и нема да успеат да набават билети преку октомвриската лотарија автоматски ќе бидат вклучени во програмата „Навивачите прво“ и ќе бидат информирани за новите достапни билети практично пред другите и ќе имаат приоритет при купувањето билети во следната фаза.
Влезниците нема да се печатат, исто како што беше случај за време на Светското првенство во Катар, бидејќи тоа се покажа како најдобар начин да се спречи метежот на влезовите, но и фалсификувањето на билети.
Европското првенство започнува на 14 јуни и ќе трае до 14 јули 2024 година.
Фото/ Игор Паневски