Фудбалерот на Јувентус, Пол Погба, заработи нова повреда и ќе отсуствува од терените две до три недели. Французинот се повреди на вчерашниот натпревар против Кремонезе кога беше заменет по само 23 минути на теренот.
„Прегледите извршени утринава во клупскиот медицински центар открија повреда на левиот бутен мускул. Овој тип на повреда обично значи опоравување од околу 15-20 дена“, објави Јувентус.
Со оглед дека сезоната во Италија завршува на 4 јуни, оваа повреда не му остава речиси никакви шанси на францускиот фудбалер повторно да заигра во дресот на Јувентус. Статистиката вели дека тој оваа сезона одигра само 161 минута, односно неполни два натпревари.
Од друга страна, тој има шанса да биде подготвен за следниот собир на француската репрезентација закажан за јуни, пред квалификациите за ЕП против Гибралтар и Грција.