Месут Езил, во саботата, воопшто не беше во протоколот за натпреварот кој Арсенал го одиграа против Вест Хем, поради што англиските медиуми шпекулираат дека Германецот во овој преоден рок ќе го напушти клубот.
Играчот кого Арсенал најмногу го плаќа, од почетокот на сезоната никако не може да се избори за место во тимот, ниту пак одиграл натпревар на нивото на кое беше пред две сезони.
Езил за Арсенал, сезонава има одиграно 13 натпревари, на кои забележал три гола и една асистенција. Премалку за играч кој е проектиран и платен да ја води играта на Арсенал.
Поранешниот германски репрезентативец ја има поддршката на менаџерот Унаи Емери, меѓутоа по поразот од Вест Хем (1:0), тој рекол дека Езил не заслужил да биде ниту на клупата за резерви, поради што го изоставил од протоколот.
Оваа негова изјави ги натера англиските медиуми да пишуваат дека Арсенал ќе се обиде да го продаде Еџил веќе во овој преоден рок. Од парите што би ги добиле за Германецот би можеле да купат неколку играчи, меѓу кој е и најголемата желба на тренерот Емери, Денис Суарес од Барселона.
Езил има големи примања, неделна плата од 350.000 фунти, што ја отежнува продажбата, бидејќи не постои клуб во Европа што би прифатил да издвојува толку пари за играч кој според однесувањето и не е премногу заинтересиран за фудбалската игра.