Дисциплинската комисија на Европската фудбалска унија (УЕФА) го казни Фудбалскиот сојуз на БиХ поради однесувањето на навивачите на натпреварите против Лихтенштајн и Португалија во квалификациите за ЕП 2024 година.
УЕФА го казни Фудбалскиот сојуз на БиХ со вкупно 66.000 евра, делумно затворање на стадионот за следниот натпревар на домашен терен и забрана за продажба на билети на навивачите за нивниот следен натпревар на гости.
Контролното, етичкото и дисциплинското тело на УЕФА ја казни Босна и Херцеговина со 20.000 евра и нареди делумно затворање на стадионот за следниот домашен натпревар поради дискриминаторско однесување на нивните навивачи за време на натпреварот против Португалија.
Тие се казнети и со 26.000 евра поради блокирање на скалите, фрлање предмети и упад на теренот на натпреварот против португалскиот тим. Да потсетиме, за време на натпреварот еден навивач истрча на теренот бидејќи сакаше да се фотографира со Кристијано Роналдо.
Босна и Херцеговина, исто така, беше казнета со 20.000 евра и забрана за продажба на билети на навивачите за нивниот следен натпревар на гости, поради употреба на пиротехника за време на натпреварот во Лихтенштајн на 13 октомври.