Потенцијалниот нов член на Реал Мадрид, 17-годишната бразилска атракција Реиниер вреди повеќе од 30 милиони евра, вели тренерот на неговиот тим Фламенго, Жорге Жесус, инсистирајќи клубот да не го продава.
Повеќе извори тврдат дека младиот фудбалер од средниот ред ќе се пресели на „Бернабеу“ овој месец слично како неговиот сонародник Винисиус Жуниор во договор вреден околу 35 милиони евра. Тинејџерот има 14 настапи во бразилската лига за Фламенго во 2019, постигнувајќи шест гола во сезоната во која тимот стигна до историска двојна титула – бразилскиот трофеј и Копа Либертадорес.
„Реиниер не може да биде продаден за 30 милиони евра. Бенфика се добар пример на клуб кој може да ги продаде своите играчи дури и над проценетата цена. Бордот на Фламенго треба да си ги цени своите фудбалери. Дали ќе отиде во Реал? Да видиме што ќе се случи“, вели Жесус.
Реиниер дебитираше за клубот во јули 2019, во меч од Копа Либертадорес, и веднаш беше поврзуван со Барселона и Атлетико Мадрид, но Реал ја добил „битката“ и се очекува да го презентира на неговиот 18-ти роденден на 19 јануари.