Напаѓачот на Милан, Оливие Жиру вели дека е горд што игра за „росонерите“ со кои очекува оваа година да се борат за титулата.
Жиру пристигна од Челси ова лето и досега има два гола во три меча со „Диаволо“, пред да има позитивен тест на КОВИД-19, па повреда, која го отстрани од терените последните неколку недели.
„Навистина сум горд што играм за Милан во Серија А. Ова беше лигата со која пораснав, а кога бев тинејџер омилен фудбалер ми беше Андриј Шевченко, така што имам среќа што ми се оствари сонот. Играме фудбал за такви емоции и затоа едвај чекам да го покажам тоа пред навивачите на Милан. Моите две баби беа Италијанки, така што има нешто и во крвта, а го учев јазикот во училиште. Сакаме да го освоиме трофејот оваа сезона, и иако не е потребен притисок, Милан мора да биде во врвот“, вели Жиру.
Тој е вториот ветеран со големо влијание во Милан по 40-годишниот Златан Ибрахимовиќ.
„Играв против Златан неколку пати, а тоа што уште игра на 40 години покажува каков професионалец е. Тој се грижи за себеси и за своето тело и јас сакам да го правам истото додека телото ми дозволува. Тој е одличен пример за сите млади фудбалери во Милан и едвај чекам да играм покрај него. Со Златан ќе биде полесно да се освои нешто“, додава Французинот.