Top Sport

Жиру: Тие што го познаваат фудбалот, знаат што носам јас во тимот

Францускиот напаѓач Оливие Жиру вели дека критичарите само го тераат да работи повеќе и да биде подобар, откако 31-годишниот фудбалер на Челси не постигна ниту еден гол при триумфот на „триколорите“ во Русија.

Многумина се чудеа на фактот што Дидие Дешам остана зад Жиру, поставувајќи го во игра во сите седум натпревари на Франција, иако во осум часа фудбал, тој воопшто немаше упатено удар кон голот. Сепак, самиот Дешам изјави дека е презадоволен од Жиру и од неговата игра за поддршка на репрезентацијата. Жиру е среќен.

„Цела моја кариера поминував низ одредени тешкотии и секогаш ги надминував. Тоа ме тера да бидам подобар и да добијам дополнителна мотивација. Никогаш не е лесно. Фудбалот е тежок спорт и луѓето гледаат само дел од работата, но сите работиме многу за да дојдеме до ваков успех“, изјави Жиру.

Жиру беше критикуван и во Премиер лигата, каде што постигна пет гола и имаше три асистенции во 18 натпревари од јануари кога направи трансфер од Арсенал во Челси.

„Критикуван сум во Англија, но и во Франција. На пример, не дадов гол на Мундијалот. Но, добив пораки од луѓето кои го знаат фудбалот и знаат што носам јас за мојот тим“, објаснува Жиру.

Фото: ЕПА

Scroll to Top