Жоао Феликс, фудбалерот за кој Атлетико Мадрид го срушија рекордот за трансфери плаќајќи 126 милиони евра на Бенфика ќе биде најмладиот фудбалер во првиот тим на „јорганџиите“, но тој вели дека е подготвен за тестот.
19-годишниот Португалец ќе биде претставен на „Ванда метрополитано“ утре попладне, но веќе го даде првото интервју за големите очекувања.
„Возраста влијае на некои работи, но јас ја имам потребната зрелост за да се справам со притисокот и знам како е да си во врвен тим. Сите велат дека имам 19 години, но дека изгледам позрел, така што нема да има проблеми. Секој сака да игра во најдобрите тимови на светот, а Атлетико е таков тим. Имав шанса и ја искористив. Секогаш ја следев шпанската лига и секако, Атлетико“, вели Жоао Феликс.
Тинејџерот признава дека една од работите кои го убедиле било присуството на тренерот Диего Симеоне.
„Симеоне е тренер кој покажува како треба да се бориш за својот тим, со многу мотивација. Тој познава многу португалски фудбалери и знае како да работи со нас. Не сакам да ветувам ништо за следната година освен тоа дека ќе го дадам максимумот“, вели тинејџерот.