Сонародникот на Нејмар, Жоелинтон му порача на најскапиот фудбалер во историјата дека го „чека“ дресот со бројот 10 во неговиот клуб, Њукасл јунајтед, по шпекулациите дека Пари Сен-Жермен се подготвуваат да го продадат Бразилецот.
Според повеќе француски медиуми, ПСЖ се подготвени сериозно да ги разгледаат сите понуди за 30-годишниот Нејмар, пет години по неговиот рекорден трансфер од 222 милиони евра од Барселона, со Челси како прв фаворит за мега-трансферот, иако Жоелинтон посочува дека и неговиот тим, сега помогнат од новите саудиски газди би бил совршен за него.
„Секако, можеме да му најдеме место! Како и било кој тим на планетата. Не можам да ви опишам, човекот е идол, ѕвезда во светот на фудбалот. Така што, нашата покана стои. Ако слуша, тогаш може да дојде, јас ќе трчам за него цело време. Дресот со број 10 ќе го чека“, вели Жоелинтон, кој последните три сезони игра на „Сент Џејмс парк“, со Алан Сен-Максимен со дресот со број 10.
Има малку клубови на светот кои можат да си го приуштат Нејмар, а Њукасл се дефинитивно еден од нив, по преземањето од 300 милиони фунти од саудискиот Јавен инвестициски фонд (ПИФ).