Top Sport

Жоргињо: Сари ќе биде предавник ако отиде во Јуве

Жоргињо вели дека би бил тажен да го види Маурицио Сари како заминува од Челси по само една сезона на „Стемфорд Бриџ“ и предупреди дека ако се остварат предвидувањата и тој стане нов тренер на Јувентус, навивачите на Наполи ќе го сметаат за предавник.

Сари ги предводеше Челси до третото место во Премиер лигата и до титула од Лига Европа по импресивната 4:1 победа над Арсенал, но и покрај ова тој беше на мета на навивачите на „сините“, кои не се согласуваа со неговиот стил на игра. Жоргињо пак, дојде во Лондон од Наполи заедно со Сари и може да го види италијанскиот тренер назад во Италија како можен наследник на Масимилијано Алегри во Јувентус.

„Тоа би било тажно, бидејќи мислам дека Сари заврши добра работа. Завршивме како трети во Премиер лигата, ја освоивме Лига Европа и стигнавме до финалето на Лига купот и покрај сите критики. Ова беше добра прва сезона во Челси. Навивачите на Наполи уште го чуваат во срцето и нормално е да бидат лути. Тоа можат да го сметаат за предавство, бидејќи така се гледаат работите таму“, вели Жоргињо.

Самиот 27-годишен италијански репрезентативец беше критикуван за неговата игра во Премиер лигата, но тој вели дека докажал дека критичарите грешат.

„Добив многу критики, бидејќи можеби во Англија не се навикнати на плејмејкер со моите вештини. Јас не сум физички фудбалер, туку некој кој мисли на топката. Беше тешко да го разберат тоа бидејќи на почетокот резултатите не беа добри и мораа да најдат виновник. Но, мислам дека се пронајдов и на крајот им покажав дека грешат“, вели Жоргињо.

Scroll to Top