Top Sport

Жота пак е херојот на Ливерпул, бизарен петти црвен картон за Арсенал оваа сезона

Диого Жота повторно се запиша во листата на стрелците за Ливерпул да стигне до 2:0 победа над Лестер и да го заддржи темпото со Манчестер сити на врвот на табелата, додека Габриел Мартинели беше херој и „злосторник“ за Арсенал откако постигна гол, но и го доби петтиот црвен картон за неговиот тим при 0:1 победата на гости кај Вулверхемптон.

Со новото засилување Луис Дијаз првпат како стартер, „црвените“ на Јирген Клоп дојдоа во водство во 34. минута, кога Диого Жота се најде на вистинското место за да ја смести топката зад грбот на Каспер Шмајхел. Притисокот на Ливерпул продолжи цел меч, и во 87. минута од мечот, Жота повторно се најде на вистинско место и ја искористи лошата реакција на Шмајхел да ја осигура победата.

Ова беа 11. и 12. гол за Португалецот оваа сезона, со што тој се наоѓа на второто место на листата на стрелците во Премиерлигата зад својот клупски колега Мохамед Салах со 18 гола. Ливерпул сега се на 9 поени зад Манчестер сити на врвот на табелата во Премиерлигата, но имаат и натпревар помалку.

На „Молињу“ пак, Арсенал ги освои трите поени со тешка 0:1 победа, но најголема дискусија ќе предизвика контроверзниот црвен картон кој го доби Габриел Мартинели, односно двата жолти картони одеднаш во бизарна сцена која на крајот го донесе петтиот црвен картон за тимот на Микел Артета.

Претходно, токму Бразилецот во 25. минута го постигна единствениот гол на мечот по еден корнер за „топчиите“. Арсенал со трите поени се искачија на петтото место на табелата со 39 поени, еден зад Вест хем, но со два натпревари помалку.

Standings provided by SofaScore LiveScore

Scroll to Top