Фудбалерите на Рома во петтото коло од Лига Европа го совладаа финскиот тим ХЈК Хелсинки со 2:1, а тренерот на Римјаните Жозе Мурињо го забележа 107. триумф во меѓународните клупски натпреварувања.
Португалскиот стручњак го престигна легендарниот Алекс Фергусон и со тоа стана тренер со најмногу триумфи во европските натпреварувања.
Пред да пристигне во „вечниот град“, Мурињо ги тренираше Порто, Челзи, Интер, Реал Мадрид, Манчестер јунајтед и Тотенхем. Со португалскиот клуб ја освои Лигата на шампионите во сезоната 2003/2004, шест години подоцна со Интер триумфираше во истото натпреварување, со „црвените ѓаволи“ славеше во Лигата на Европа 2017 година, а со Рома минатата сезона ја освои Конференциската лига.
Римјаните имаат седум бода на колото пред крајот на групната фаза и го делат второто место со Лудогорец. Во последното коло овие два тима ќе решат кој ќе биде втор. Лидер во групата Ц е Бетис со 13 бода, додека ХЈК има само еден поен.