Top Sport

Зидан: Бејл нема да игра додека не е 100 отсто фит

Тренерот на Реал Мадрид, Зинедин Зидан вели дека сака да го „внесе“ Герет Бејл во акција полека, откако Велшанецот се врати на тренинзи по уште една повреда.

Бејл последен пат играше кога го повреди бутниот мускул против Борусија Дортмунд на 26 септември, а кога се врати на тренинзи во ноември, доби повреда на мускулот на ногата, негова 19-та повреда откако дојде во Реал во 2013 година за тогаш рекордни 100 милиони евра.

„Мораме да бидеме сигурни дека е 100 отсто подготвен, но не мислам дека ќе му биде потребно многу време, бидејќи се чувствува ОК. Најважно е што тој е со нас, што тренира, игра, бидејќи така ќе ги отстраниме негативните работи. Многу се зборува за неговите повреди, но тој е важен играч за нас“, изјави Зидан на прес-конференција пред саботниот меч со Малага.

Бејл имаше кошмарни 12 месеци со повреди – прво ги скина лигаментите на скочниот зглоб против Спортинг Лисабон пред една година, по што беше на операција која го отстрани од терените три месеци. Оттогаш тој има постојани проблеми со мускулите и призна дека жали што избрзал со кам-бекот по операцијата на скочниот зглоб.

„Навистина не знам кога ќе игра. Ќе видиме. Знаеме што носи тој во тимот. Тој е силен, моќен, многу добар технички фудбалер и работи напорно. Кога игра е навистина фантастичен“, вели Зидан.

Scroll to Top