Top Sport

Зидан ќе донесе промени, пет работи се неизбежни

Зинедин Зидан по девет месеци се врати на местото на успехот. Легендата на клубот договорил соработка до 2022 година. Тој ќе се обиде да го врати мирот во соблекувалната, од турбулентната сезона, а во летниот преоден рок ќе тргне во реконструкција.

Минатото лето, три дена по освојувањето на Лигата на шампионите, трета во низа во неговиот мандат, Зидан поднесе оставка, потег што го шокираше фудбалскиот свет.

Приказната е позната зошто францускиот тренер се решил на таков чекор. Немал разбирање од претседателот Флорентино Перез околу трансфер политиката. Зидан сакал Кристијано Роналдо да остане во Реал, да биде продаден Герет Бејл, а на неговото место да биде донесен Еден Азар од Челси.

Девет месеци му беа потребни на Перез да ја разбере грешката што ја направил минатото лето. Сега откако го врати Зидан јасно е дека ќе се сменат некои работи во клубот.

1. Герет Бејл може да ги пакува куферите

Најнесреќен од враќањето на Зидан сигурно е Велшанецот. Зидан не му веруваше премногу во својот прв мандат, Бејл редовно кај него беше резерва. Секако дека за таквиот статус придонесоа честите повреди на Велшанецот.

На позицијата на која игра Бејл, Зидан, најчесто ги користеше Иско, Марко Асенсио и Лукас Васкез. Исто така Бејл не го криеше незадоволството што финалето со Ливерпул, во кое постигна два гола, го започнал од клупата за резерви.

2. Извесен е трансферот на Еден Азар

Зидан не крие дека е голем фан на играта на Азар, а Белгиецот често изјавува дека неговиот сон е да игра за Реал. Тука работите се јасни, Зидан ќе тргне по Азар веднаш откако ќе започне трансфер периодот.

Челси тешко ќе можат да го задржат својот најдобар фудбалер, кој ќе влезе во последната година од договорот. Ова значи дека летниот преоден рок е последна можност за Челси да заработат добра сума од трансферот на Азар.

3. Марсело може да заборави на Јувентус и пријателот Роналдо

Бразилецот кај Зидан беше еден од клучните фудбалери. По заминувањето на Зидан, Марсело „исчезна“ од теренот, игра во катастрофална форма, Солари го пресели на клупата за резерви.

Поради што гласни беа најавите дека го чека летото за да се пресели кај најдобриот пријател Кристијано Роналдо во Јувентус. Со враќањето на Зидан и Марсело би можел да го врати своето место во тимот.

4. Иско и Марко Асенсио ќе се „вратат во живот“

Овие двајца целосно се изгубија кај Хулен Лопетеги и Сантијаго Солари. Кога го враќаше од позајмицата во Еспањол, Зидан сметаше дека Марко Асенсио може да биде наследникот на Роналдо. Поради тоа Реал доби неколку богати понуди за Асенсио. Во полоша ситуација од Асенсио се најде Иско. Тој во најголем дел од натпреварите, кај Солари, не беше ниту меѓу резервите.

Враќањето на Зидан значи дека овие фудбалери ќе се откажат од намерите да заминат од клубот. Марко Асенсио и Иско, во претходниот мандат на Зидан имаа значајни улоги во ротацијата.

5. Зидан може да го контролира темпераментот на Серхио Рамос

По заминувањето на Зидан и Роналдо, Рамос се наметна како „алфа мажјак“ во соблекувалната, но поради неговиот темперамент, најчесто се поврзуваше со разни скандали.

Дури влегол и во вербална расправија со претседателот Перез. „Исплатиме и јас ќе си заминам“, наводно му рекол Рамос на претседателот по елиминацијата од Ајакс во Лигата на шампионите. Очекувањата на навивачите се дека Зидан ќе успее да го смири Рамос и да го насочи да мисли само на фудбалот, а не на некои споредни работи.

Scroll to Top