Зинедин Зидан, легендарниот француски фудбалер и поранешен тренер на Реал Мадрид, оваа недела одбил неверојатна понуда од Саудиска Арабија вредна дури 100 милиони евра за едногодишен договор, објавува француски „Лекип“.
Зидан со тоа уште еднаш покажа дека парите не му се приоритет, туку исклучиво бара спортски предизвик и остварување на долгогодишениот сон, а тоа е да ја води француската репрезентација.
Зидан јавно зборуваше за своите амбиции неколку пати во последните недели. На настан организиран од „Адидас“, Зидан јасно стави до знаење: „Се чувствувам дека сум стручен да ја водам француската репрезентација, каде што играв и поминав практично 12, 13, 14 години како играч. Секако дека тоа е мој сон. Едвај чекам“, рече Зидан.
Сегашниот селектор Дидие Дешан го објави своето заминување по Светското првенство во 2026 година, а Зидан со години е прв фаворит за негов наследник.
Зидан е без тренерска работа од 2021 година, кога го напушти Реал Мадрид по втор пат, и оттогаш ги отфрли сите понуди, вклучително и оние од Премиер лигата, Италија и неколку богати арапски клубови.