Тренерот на Реал Мадрид, Зинедин Зидан изјави дека се надева дека првата ѕвезда на Пари Сен-Жермен, Нејмар ќе се опорави на време за да игра во реваншот од осминафиналето од ЛШ на 6 март.
Најскапиот играч на светот беше во солзи во финишот на дербито со Марсеј (кој ПСЖ го доби со 3:0), откако доби повреда на скочниот зглоб. Тренерот на ПСЖ, Унаи Емери вели дека се надева дека Бразилецот ќе биде подготвен за Реал, кога на „Паркот на принцовите“ ќе се обидат да се вратат од 3:1 негатива од „Сантијаго Бернабеу“. Зидан се согласува.
„Воопшто не сакам да гледам фудбалери како се повредуваат и се надевам дека ќе се врати на натпреварот, бидејќи тоа е најлошата причина да пропуштиш натпревар. Не мислам дека повредата ќе влијае на неговата игра. Го гледав натпреварот и бев тажен за Нејмар“, изјави Зидан на прес-конференцијата за дуелот од Ла лига против Еспањол во вторник.
Нејмар постираше фотографија од неговиот зглоб на Инстаграм, но не коментираше за повредата. Бразилецот има 28 гола и 16 асистенции за ПСЖ оваа сезона.