Винисиус Жуниор нема да си замине од Реал Мадрид во јануари, инсистира Зинедин Зидан, иако Бразилецот нема стартувано меч од 19 октомври и има само еден гол во 11 настапи во сите натпреварувања оваа сезона.
Околу иднината на 19-годишниот Винисиус имаше многу шпекулации во Шпанија, и се веруваше дека Реал би го пратиле на позајмица за да добие шанса да игра попостојано. Зидан, пак, вели дека тој ќе остане и ќе се докаже на „Бернабеу“.
„Винисуис нема да си оди. Тој ќе продолжи со нас. Можеби сега не е неговиот момент, но тој ќе дојде. Имам 26 фудбалери и морам да изоставам некого од тимот. Тој ќе биде подготвен да го искористи моментот. Што се смени? Тука е Еден Азар и Родриго, толку е едноставно. Тој тренира добро, но има и други важни фудбалери кои треба да ги изберам“, вели Зидан.