Златан Ибрахимовиќ е многу блиску до враќање во Милан, откако италијанските медиуми тврдат дека клубот се согласил да ги смени условите во неговиот договор со кои тој ќе заработува повеќе пари според сопствените перформанси, а не според тоа дали Милан ќе игра во Европа.
Шведскиот ветеран е слободен агент по крајот на договорот со Лос Анџелес галакси, но минатата недела се тврдеше дека Милан ги загубил шансите за договор со условите кои ги поставиле од клубот. Сега, „Ла газета дело спорт“ и „Кориере дело спорт“ тврдат дека договорот ќе биде на шест месеци со можност за автоматско продолжување на уште една сезона.
За разлика од претходниот договор, кој ја поврзуваше платата со евентуалното квалификување во Лигата на шампионите и Лига Европа, со новиот договор, Златан ќе добива плата во однос на своите перформанси и постигнати голови.
Од Милан очекуваат договорот да биде склучен во следните неколку дена за тој да биде на тренингот во Миланело веќе на 30 декември.