Актуелниот шампион Манчестер Сити денеска гостува на „Олд Трафорд“. Пеп Гвардиола ќе се соочи со градскиот ривал Манчестер Јунајтед по 18. пат откако го наследи Мануел Пелегрини во летото 2016 година.
Традицијата покажува дека Гвардиола сака да игра против Јунајтед, што го покажа и како тренер на Барселона, кога го надигра Алекс Фергусон во двете финалиња во Лигата на шампионите, во 2009 година на „Олимпико“ и во 2011 година на „Вембли“.
Тој ја продолжи својата доминација како менаџер на Манчестер Сити. Откако дојде на „Етихад“, Јунајтед никогаш не беше пред Сити во Премиерлигата, а Гвардиола на тој пат освои дури четири од шест можни титули.
Како менаџер на Сити, Гвардиола имаше дури четворица тренери за ривали на клупата на Манчестер Јунајтед, Жозе Мурињо, Оле Гунар Солскјер, Ралф Рангник и Ерик тен Хаг.
Каталонецот има позитивен биланс од девет победи, од кои пет на „Олд Трафорд“, со шест порази и само две нерешени средби.
Новиот почеток на Манчестер Јунајтед мораше да започне мудро, а за лидер на новиот проект е избран Ерик тен Хаг.
Холанѓанецот ги доби засилувањата што ги посакуваше, а сега е потребно клучното – да добие време за да формира тим што ќе се врати на врвот на Премиерлигата.
Првото дерби на Манчестер веројатно дојде прерано, Сити го демолираше Јунајтед со резултат 6:3, Фоден и Халанд постигнаа по хет-трик, а Марсијал само со два гола во финишот го ублажи поразот. Сепак, и покрај тој дебакл, Тен Хаг после тоа постепено ја подобруваше формата на тимот. Дојде време за нов дуел со Гвардиола и ривалите од Манчестер Сити.