Top Sport

Зошто ПСЖ и Баерн не се во Суперлигата или „Војна на богатите“

Официјалното соопштение за формирањето на Европската Суперлига (ЕСЛ) одекна како „бомба“ во европскиот фудбал, но донесе и некои невообичаени прашања. Како зошто таму не се Баерн Минхен и ПСЖ? И можеби Борусија Дортмунд. Шпанска „Марка“ ги посочува главните фактори за оваа одлука.

Тешко е да се замисли лига на големите европски клубови без нив, но тие остануваат на ставот за пошироко и помалку елитистичко натпреварување во новиот формат на Лигата на шампионите.

Претседателот на ПСЖ, Насер Ал-Хелаифи секогаш се прикажуваше како бранител на француската Лига 1 и на Француската фудбалска федерација, како во случајот со преговорите за ТВ правата во лигата, но во исто време и неговата земја, Катар има одлични економски и политички врски со француската влада. Емануел Макрон, претседателот на Франција, беше меѓу првите политичари (заедно со британскиот премиер Борис Џонсон) кој ја осуди Суперлигата.

Според „Л’Екип“, ПСЖ биле позиционирани како лидери на проектот на Суперлигата заедно со Реал Мадрид, Јувентус и Манчестер јунајтед, но ова се сменило драстично во последните неколку недели. Причина за ова е и „БеИН спортс“ ТВ-каналот, каде што прв човек исто така е Ал-Хелаифи се договори со УЕФА за да ги пренесува мечевите на ЛШ до 2024 заедно со „Канал плус“. ПСЖ мора да внимава на имиџот на Катар, кој е нарушен со сите обвинувања за прекршување на човековите права пред СП 2022, и ова само ги подобрува нивните политички позиции.

Но, дилемата е, со пропуштање на ваков проект, се губат многу пари, и џабе имиџот ако на „Паркот на принцовите“ не доаѓаат најголемите европски клубови.

„Л’Екип“ на насловната го претстави конфликтот на две земји, Франција и Германија, поддржувачите на европскиот дух, против другите. „Војна на богатите“, стоеше на насловната со слики на Ал-Хелаифи и Румениге контра Флорентино Перез и Андреа Ањели.

Случајот на Баерн Минхен и на Борусија Дортмунд, сепак, се поинакви. Двата клуба постојано биле против Суперлигата, а директорот на Дортмунд, Ханс-Јоакин Вацке, јасно изјави дека „плановите“ се одбиени.

Scroll to Top