Атлетико Мадрид имаа 10 поени предност и натпревар помалку во однос на ривалите во јануари, но потоа „колабираа“ во борбата за титулата и сега менталната (и реалната предност) ја има Барселона, оценува шпанска „Марка“ во анализата на тимот на Диего Симеоне.
По вчерашниот пораз од 2:1 од Атлетик Билбао, Коке инсистираше дека ќе се борат до крај, но топката сега е во нозете на Барселона во битката за титулата. Како се случи тоа? Повреди, КОВИД и други проблеми…
Кога беа во серија, Атлетико освоија седум натпревари во низа, а потоа Марио Ермосо и Јаник Караско не патуваа на гостувањето кај Кадиз поради позитивни тестови. Атлетико таму победи. Жоао Феликс, Томас Лемар и Ектор Ерера беа позитивни во една недела и одеднаш тимот на Симеоне не беше толку страшен. Тука се и повредите – Хименез, Луис Суарез, Жоао Феликс и Томас Лемар беа отсутни од одделни натпревари.
Додека дома на „Ванда метрополитано“ некако победуваат, гостувањата им се слаба точка – одиграа нерешено кај Хетафе и Реал Бетис, а загубија од Севилја и Билбао, за од можни 18 поени во последните шест натпревари, да освојат само 7.
Според „Марка“, главен проблем на тимот е тоа каде што еднаш беа најмоќни – одбраната, со која на почетокот на сезоната им беше потребен само еден гол за победа.