Барселона и Клуб Америка ќе одиграат пријателски натпревар на 21 декември во Далас. Мексиканскиот клуб на својата официјална страница објави дека Каталонците доаѓаат со сите ѕвезди, а каталонски „Спорт“, пишува дека договарањето на таа средба предизвикало гнев во соблекувалната на тренерот Чави.
Барселона на 20 декември ќе ја пречека Алмерија во 18. коло во шпанското првенство, по што треба да следи десетдневна празнична пауза.
Натпреварот против мексиканскиот ривал значи дека фудбалерите на Барселона ќе имаат краток одмор бидејќи ќе треба двапати да патуваат повеќе од десет часа за да го одиграат натпреварот.
Барселона се согласи да се сретне со Клуб Америка исклучиво заради пари, бидејќи во последните години е во финансиски проблеми, па на секој начин се обидува да заработи. Клубот за тој натпревар ќе заработи четири милиони евра, тврди „Спорт“.
Ѕвездите се побунија велејќи дека не сакаат да одат на натпреварот бидејќи ризикот од повреди е голем, а распоредот е густ. Раководството на клубот наводно им ветило 100 илјади евра бонус по играч доколку сепак патуваат на другиот крај на светот.