Прославениот хрватски кошаркар и тренер Александар Петровиќ како селектор на Бразил ќе биде учесник на Светското првенство во Кина. За „Спортске новости“ тој рекол дека Србија, па дури и Франција имаат поголеми шанси за освојување на титулата од САД.
„Врвните европски селекции, а тука мислам на Србија и Франција се фаворити во однос на САД! Мислам дека Американците ќе имаат големи проблеми. Мислам дека немаат „долга“ клупа, но повторувам, ќе треба да видиме како тоа ќе изгледа кога ќе почне првенството. Во овој период сите скаутираат. На пример Канада го декласира Нов Зеланд со 40 поени разлика, што кажува дека Нов Зеланд има проблеми во играта. Поради тоа велам дека треба да почекаме да почне првенството“, рекол човекот познат под прекарот „Аца трица“.
Репрезентацијата на Бразил која ја предводи Петровиќ во втората фаза може да се сретне со Американците.
„Кога беа извлечени групите се „онесвестивме“ кога видовме дека вкрстуваме со САД. Гледано од оваа дистанца, на десет дена до почетокот на првенството мислам дека Американците со сите ќе играат „отворени натпревари“. Дури сум убеден и дека ќе губат, мислам дека ќе доживеат повеќе од еден пораз на ова првенство. Многу играчи им откажаа, може тоа да им се удри од глава, на пример да дојдат во позиција да играат квалификации за Олимписките игри и тогаш да мора да го повикаат Леброн Џејмс“, заклучил Петровиќ.