Јанис Адетокумбо приреди вистинско шоу пред домашната публика во Атина, за да ја предводи Грција до импресивна 83:63 победа над Италија на Акропол купот, подготвителниот турнир пред Светското првенство во Кина.
Адетокумбо имаше 18 поени и 8 скока во 19 минути на паркетот, Јоргос Принтезис додаде 12, а Ник Калтес и Јанулис Ларенѕакис имаа по 11 поени за одлична партија на тимот на селекторот Танасис Скуртопулос. Единствен проблем може да биде повредата на Костас Слукас, кој помина само две минути во игра поради повреда на потколеницата.
За Италија, Марко Белинели имаше очајна партија (0-од-8 за тројки), но со 13 поени беше најпрецизниот за „аѕурите“ пред Даниел Хакет со 12 поени и 8 скока.
Утре Грција игра со Турција, додека Италијанците ќе мораат да се соочат со силната Србија.