Top Sport

Американците го комплетираа тимот за СП

Познат е конечниот состав на кошаркарската репрезентација на Соединетите Американски Држави на претстојното Светско првенство што ќе се игра во Јапонија, Филипини и Индонезија.

Џош Харт ја прифати поканата да биде дел од тимот, со што се познати сите 12 играчи кои ќе ги бранат боите на американската репрезентација на Мундобаскетот.

Комплетираниот ростер го сочинуваат: Тајрис Халибартон, Џејлен Брaнсон, Остин Ривс, Ентони Едвардс, Џош Харт, Микел Бриџис, Кам Џонсон, Брендон Инграм, Паоло Банкеро, Џарен Џексон Јуниор, Боби Портис и Вокер Кеслер.

САД ќе играат во групата Ц заедно со Јордан, Грција и Нов Зеланд.

Според проценките на ФИБА, кошаркарите на САД се првите фаворити за златниот медал на претстојното СП кое ќе трае од 25 август до 10 септември. Зад нив се Шпанија, Франција, Австралија, Словенија, Канада, Германија и Србија.

Американците последен пат беа светски шампиони во 2014 година, кога во финалето ја совладаа Србија.

На Мундобаскет 2019 САД не успеаја да го одбранат светскиот трон, првенството го завршија на седмото место.

Златото освоено пред четири години го брани Шпанија која во финалето ја совлада Аргентина, а Американците сакаат да се вратат на светскиот врв и да го освојат шестиот златен медал на СП.

Покрај споменатата 2014 година, на првото скалило на подиумот САД се искачија во 1954, 1986, 1994 и 2010 година.

Американците се актуелни олимписки шампиони, а на најголемиот спортски настан освоија вкупно 16 злата.

Scroll to Top