Раководството на Кошаркарската Федерација, претседателот Перо Антиќ, генералниот секретар Владимир Георгиевски и спортскиот директор Тодор Гечевски заедно со селекторот на машката сениорска репрезентација Александар Тодоров (преку интернет видео врска) одржаа прес-конференција на која зборуваа за квалификациите за Евробаскет 2022 кои се одржаа во месец февруари.
Македонија не успеа да избори пласман на континенталниот собир закажан за 2022 година, националниот тим квалификациите, во конкуренција на Естонија, Русија и Италија ги заврши со две победи и четири порази.
„Ние уште од кога дојдовме на чело на федерацијата имаме притисок. Продолжуваме понатаму како и да е, знаеме кои медиуми и зошто го прават тоа и нека им е на чест. После еден пораз фрлаа со дрва и камења, а веднаш потоа ставот да се смени и да ’викаме браво’. Нека се удира по нас, оставете ги кошаркарите да играат на теренот. Сме биле играчи знаеме колку е важна поддршката од сите страни. Резултатите на крај остануваат на нив, на играчите и на селекторот, не можеме ние да влеземе на терен и да играме наместо нив. Ние како федерација ги овозможивме сите услови на репрезентацијата, направивме сè што е во рамки на нашите можности. Не размислувам за оставка“, кажа претседателот на Федерацијата Перо Антиќ.
Она што ќе биде актуелна тема во Федерацијата наредните денови е статусот на селекторот Александар Тодоров. Неговиот договор истече со завршувањето на квалификацискиот циклус. Иако не ја исполни целта, во Федерацијата не ја исклучуваат можноста тој и во иднина да остане на селекторската функција.
„Договорот на Александар Тодоров потенциравме уште кога одржавме прес за негово претставување како селектор дека е врзан со пласман на Европското првенство, на кое за жал не се пласиравме. Сепак, го чекаме извештајот од селекторот кој треба да стигне наскоро. Потоа ќе има состанок на раководството и заедно ќе одлучиме дали договорот ќе биде продолжен. И кај нас се поделени чувствата во врска со овие квалификации. Момците покажаа карактер и тимска игра. Бевме блиску и до победа против Русија, но најверојатно неискуството и невоиграноста пресудија за да резултат биде таков каков што беше и да не се пласираме. На нас останува да продолжиме да работиме со младите, да организираме семинари и за нашите тренери, па на претквалификациите за Светското првенство во август да се покажеме во подобро светло“, рекол спортскиот директор Тодор Гечевски.
Фото/kfsm.mk