Челниците на регионалниот кошаркарски шампион, Будуќност, беа активни на трансфер пазарот во изминатите два дена. Откако, во четвртокот, го потпишаа талентираниот Грузиец Гога Битадзе, претпладнево клубот објави дека договор потпишал и Американецот Џејмс Бел, а во наредните денови се очекува во Подгорица да пристигне и играч со НБА педигре, Норис Кол.
Џејмс Бел, сезоната ја започна во Цедевита, но решил да ја раскине соработката со хрватскиот шампион. Бел, сезонава во АБА-лигата има просек од 15,2 поени по натпревар.
Лани овој Американец, со Дарушафака го освои Еврокупот, а во кариерата играл на универзитетот Виланова, во Ваноли (Италија), Нанси (Франција) и Хулон (Израел).
Норис Кол е поранешен играч од шампионската генерација на Мајами Хит. Тој е играч на Авелино, а од Италија заминува бидејќи клубот има сериозни финансиски проблеми.