Top Sport

Блејк Грифин со 50 коша ја сруши Филаделфија (Видео)

Блејк Грифин, крилниот играч на Детроит Пистонс, ги обележа синоќешните натпревари во НБА лигата. Со рекордни 50 поени во кариерата Грифин го предводеше својот тим до драматичната победа над Филаделфија 133:132.

Детроит и Филаделфија одиграа исклучително неизвесен натпревар, во кој ниту еден немаше предност поголема од десет поени. Во регуларниот дел натпреварот заврши 120:120, откако Грифин израмни во финишот, а потоа двата тима не реализираа по два напади за победа.

Во продолжението Грифин го реши мечот. На две секунди до крајот постигна поени за израмнување, а потоа го реализира слободното фрлање за победа.

Грифин мечот го заврши со 50 поени, 14 скока и шест асистенции, Реџи Џексон уфрли 23 коша, а Андре Драмонд забележа 14 поени и 16 скока.

Кај Филаделфија се истакна Џоел Ембид со 33 поени, 11 скока и седум асистенции, а Џеј-Џеј Редик реализира 30 поени.

Њу Орлеанс Пеликанс го продолжија добриот старт во сезоната со победата над ЛА Клиперс 116:109. Пекиланите одново ги предводеа Ентони Дејвис и Никола Миротиќ. Дејвис забележа 34 поени, 13 скока и пет блокади, а Миториќ 18 поени и 12 скока.

На другата страна Тобијас Херис беше најефикасен 26 поени, два повеќе од Данило Галинари.

Деневер без некои поголеми проблеми славеше над Сакраменто 126:112. Џамал Мари постигна 19 поени за само 18 минути игра, Гери Херис беше стрелец на 18 кошеви, а Никола Јокиќ за 23 минути забележа 14 поени и 12 скока.

Дебитантот Марвин Бегли јуниор со 20 поени беше најефикасен кај Сакраменто.

Scroll to Top