Дебитантот од Србија Богдан Богдановиќ и ветеранот Винс Картер му помогнаа на Сакраменто Кингс да го приреди најголемото изненадување изминатата ноќ во НБА лигата. Сакраменто славеше над Кливленд Кавалирс 109:95.
Богдановиќ го одигра најдобриот меч во НБА, имаше учинок од 16 поени, 8 асистенции, 3 скока, 4 украдени топки и една блокада.
„Брилијантна тимска победа. Беше неверојатно, како плејоф натпревар. Вакви натпревари гледам на Јутјуб“, рекол Богдановиќ.
Најефикасен кај Кингс беше ветеранот Винс Картер со 24 поени. „Ер Канада“ прв пат од 2007 година во меѓусебниот дуел постигна повеќе поени од Леброн Џејмс.
Картер погодуваше во клучните моменти за Сакраменто, најпрвин уфрли тројка со звукот на сирената на почетокот на последниот период.
Потоа погоди од дистанца за 101:87 на пет и пол минути до крајот, а точка стави на 20 секунди до крајот со поени преку Џае Краудер.
Најефикасен играч на Кливленд беше Кевин Лав со 23 поени, додека Леброн оствари трипл-дабл од 16 поени, 10 скока и 14 асистенции.
Кливленд го забележа вториот пораз во Калифорнија по празничниот пораз во понеделникот од Голден Стејт Вориорс.