Претседателот на актуелниот европски првак во кошарка ЦСКА Москва, Андреј Ватутин објави дека буџетот на тимот за сезоната 2019/2020 изнесува 26 милиони евра.
Во разговор за „Известија“, Ватутин говорел за буџетот, финансискиот фер-плеј и конекцијата помеѓу Евролигата и ВТБ лигата.
„ЦСКА е еден од клубовите што имаат долгорочна лиценца и не мора да се грижи за својот статус во Евролигата, но јас би сакал таков статус да добие уште еден руски тим. Системот на специјални покани диктира сопствен режим кој не им одговара на многу првенства, но од друга страна тој е добар за финансискиот пазар. Тој фер-плеј систем и данок на луксуз е нешто што функционира во американските спортови“, рекол Ватутин.
Ватутин проговорил и за Барселона и големиот број квалитетни играчи што пристигнаа во овој клуб.
„Механизмот за приходи кој е успешен во Шпанија, Италија или Грција не може да функционира во Русија. Рејтинзите во Русија се ниски. Доколку играч добие иста понуда од Русија и Шпанија, тој секогаш ќе избере да игра во Шпанија“, заклучил Ватутин.