Одлични настапи имаа кошаркарите од Балканот изминатата ноќ во НБА лигата. Тимовите во кои настапиваат забележаа две победи и два порази.
Никола Јокиќ против Кливленд Кавалирс забележа 24 поени, 19 скока, по три асистенции и украдени топки, но не можеше да го спречи поразот 99:87. Денвер очајно шутираа за три поени, 9/38, што беше причина за поразот. Кливленд го предводеа Џерет Ален (21 поен, 16 скока) и Кевин Лав (22 поени).
Атланта убедливо ги порази Детроит Пистонс 122:104. Богдан Богдановиќ постигна 14 поени за победниците. Атланта ја предводеше Тре Јанг со 32 поени, четири скока и девет асистенции.
Чикаго Булс го бележат најдобриот старт во лигата уште од сезоната 1996/97. Булс имаат четири победи во исто толку натпревари од почетокот на сезоната. Четвртата победа ја забележаа над Торонто Репторс 111:108.
Никола Вучевиќ имаше учинок од 16 поени, осум скока, две асистенции и три украдени топки. Екс играчот на Торонто, Демар Дерозан ги предводеше Булс до победата со 26 поени.
ЛА Клиперс на убедлив начин дојдоа до првата победа во сезоната. Клиперс го декласираа Портланд со 116:86. Лук Кенард постигна 23 поени со реализација од 80 отсто. Ивица Зубац имаше 10 поени, осум скока и четири асистенции.
На спротивната страна Јусуф Нуркиќ забележа четири поени, 10 скока. Најефикасен играч на Портланд беше Си-Џеј Мекалум со 20 поени.