Кошаркарскиот клуб Партизан потврди дека поранешниот играч на клубот, Ненад Чанак, ќе го наследи Мирослав Мута Николиќ на тренерската функција.
Партизан вчера му врачи отказ на Николиќ поради серијата лоши резултати. Партизан на последните девет натпревари забележа само една победа, а нема триумф на последните шест средби.
Чанак минатата сезона му беше помошник на Александар Џикиќ токму во Партизан. Тој го предводеше тимот на завршниот турнир во Купот на Србија, кој Џикиќ го пропушти поради стомачен вирус.
Ненад Чанак сезоната ја почна како тренер на Спартак од Суботица и во првенството на Србија оствари седум победи на 11 одиграни натпревари.
Партизан вечерва ќе го пречека Билбао во осмото коло во Еврокупот. Тимот на овој натпревар ќе го предводи помошникот на Мута Николиќ, Аца Матовиќ.
Чанак како тренер на Партизан ќе дебитира викендов кога во Белград ќе гостува македонскиот првак МЗТ.