Top Sport

Далас лесно со ЛА Клиперс, Џорџ и Рас го решија Портланд (Видео)

Кошаркарите на Далас, Торонто, Оклахома и Минесота забележаа победи изминатата ноќ во НБА лигата.

ЛА Клиперс играат во лоша форма, а серијата на порази не успеаја да ја прекината ниту против Далас. Маверикс на домашен терен победија 106:98, а до победата ги предводеше Херисон Барнс со 20 поени. Лука Дончиќ забележа 17 поени, 7 скока и 6 асистенции. Одличен меч одигра и екс-кошаркарот на Клиперс Деандре Џордан кој забележа 13 поени, 16 скока и по четири блокади и асистенции.

Торонто Репторс го држат второто место на Истокот, а фаворитската улога ја оправдаа и против Сакраменто. Репторс без Каваи Ленард славеа 120:115. Кајл Лаури и Фред Ванвилт постигнаа по 19 поени, еден повеќе од Паскал Сиакам.

Сакраменто го предводеше Србинот Богдан Богдановиќ со 16 поени, 8 скока, 9 асистенции и 3 украдени топки.

Оклахома, предводена од Пол Џорџ и Расел Вестбрук го доби дербито против Портланд 123:114. Џорџ постигна 36 поени, а Вестбрук забележа нов трипл-дабл (29 поени, 10 скока, 14 асистенции).

Кај Портланд се истакнаа Демијан Лилард (34 поени, 5 скока, 8 асистенции), Си-Џеј Мекалум (31 поен) и Јусуф Нуркиќ (22 поени, 15 скока).

Резултати:

Торонто Репторс-Сакраменто Кингс 120:115
Оклахома Тандер-Портланд Трејлблејзерс 123:114
Далас Маверикс-ЛА Клиперс 106:98
Финикс Санс-Минесота Тимбервулвс 91:118

Scroll to Top