Top Sport

Далас обезбеди „домашна“ предност за плеј-офот, Дурент го растури Кливленд

Кошаркарите на Далас Маверикс го совладаа Портланд Трејлблејзерс со фантастични 128:78 во НБА лигата. Избраниците на Џејсон Кид стигнаа до 51. триумф сезонава, се зацврстија на четвртото место на Западот, обезбедувајќи ја и предноста на домашниот терен во првото коло од плејофот.

Најдобар на теренот беше Лука Дончиќ со 39 поени, 11 скока и седум асистенции. Кај Портланд најефикасен беше Јубенкс со 18 поени и седум скока, Меклемор додаде 14, а Џонсон 10. Портланд ја продолжи очајната резултатска серија и ова е нивни 20. пораз во последните 22 натпревари.

Кошаркарите на Бруклин Нетс го совладаа Кливленд Кавалирс со 118:107. Кевин Дурент за 41 минута на паркетот постигна 36 поени, пет скока и пет асистенции. Против Кавс го следеа Ирвинг и Браун со 18 поени, додека Драмонд додаде 15 поени и 12 скока.

Кај Кливленд се истакнаа Гарланд со 31 и Марканен и Мобли со по 17 поени, додека Леверт постигна 16 поени.

Актуелниот шампион Милвоки Бакс лесно ги совлада Детроит Пистонс, славејќи со 131:101. Јанис Адетокумбо постигна 30 поени, 13 скока и осум асистенции. Го следеа Лопез со 17 и Мидлтон со 15 поени. Кај Детроит Пистонс се истакнаа Мекгрудер со 26 и Беј со 20 поени.

Резултати: Детроит – Милвоки 101:131, Вашингтон – Њујорк Никс 92:114, Бруклин – Кливленд 118:107, Торонто – Хјустон 117:115, Мајами – Атланта 113:109, Чикаго – Шарлот 117:133 и Јута – Феникс 105:111.

Scroll to Top