Top Sport

Делириум во Берлин: Германците ја спакуваа Грција од Евробаскет

Кошаркарската репрезентација на Германија одигра маестрален натпревар и ја елиминира Грција (107:96) пласирајќи се во полуфиналето на Европското првенство. Таму за ривал ќе ја имаат селекцијата на Шпанија.

Германците фантастично шутираа тројки на овој натпревар, постигнаа вкупно 17 од 29 удари торпедирајќи го кошот на Грците. Домаќинот стартуваше добро, поведе со 11:5, а првиот период го доби со 31:27. Одговорија Грците со одлична втора четвртина, па на полувреме заминаа со четири поени предност (57:61).

На стартот од третиот период Германија влезе во неверојатен ритам. Направи серија од 20:1 и го скрши отпорот на Јанис Адетокумбо и соиграчите. На крајот ја добија третата четвртина со 26:10. Од тој шок Грција не успеа да се врати до крајот на натпреварот. Првата ѕвезда Адетокумбо направи две неспортски грешки и беше исклучен на пет минути пред крајот.

Денис Шредер постигна 26 поени, а Андреас Обст и Франц Вагнер уфрлија по 19 во селекцијата на Германија. Кај Грците, Јанис Адетокумбо залудно беше најефикасен со 31 поен.

Scroll to Top