Оклахома Тандер и Филаделфија ’76 забележаа победи изминатата ноќ во НБА лигата. Тандер славеа во ЛА кај Лејкерс 107:100, додека Фили ги надиграа Феникс Санс 132:127.
Лејкерс и Тандер одиграа интересен натпревар, во кој ниту една екипа не успеа да создаде некоја значителна предност. Дуелот го реши Пол Џорџ, кој на почетокот беше исвиркан од навивачите на Лејкерс, бидејќи летово не ја засили нивната франшиза туку реши да остане во Оклахома.
Лејкерс на четири и пол минути до крајот имаа предност од два поени, кога на сцена стапи Џорџ, кој постигна девет поени и ги однесе Тандер до победата.
Џорџ мечот го заврши со 37 поени. Него го следеше Расел Вестбрук кој иако шутираше катастрофално од поле (3/20) успеа да забележи трипл-дабл (14 поени, 16 скока, 10 асистенции).
Лејкерс и овој натпревар го одиграа без повредениот Леброн Џејмс. Најефикасен на теренот беше Брендон Инграм со 17 поени.
Фили го решија дуелот со Феникс Санс во првото полувреме кое го добија со 72:49. Феникс успеа да се врати во вториот дел, но Санс немаа ниту сила, ниту пак време за пресврт.
Џоел Ембид доминираше под двата коша со 42 поени и 18 скока, а Бен Симонс се истакна со 29 поени. Феникс го предводеше Девин Букер со 37 поени.
Резултати:
Шарлот-Далас 84:122
Кливленд-Мајами 92:117
Вашингтон-Атланта 114:98
Бруклин-Њу Орлеанс 126:121
Бостон-Минесота 115:102
Чикаго-Орландо 84:112
Мемфис-Детроит 94:101