Кошаркарите на Филалделфија забележаа победа над ЛА Лејкерс 143:120, Лука Дончиќ ги предводеше Далс Маверикс до минималната победа над Портланд Трејлблејзерс 102:101, а Голден стејт Вориорс успеаја да слават над Мајами Хит иако во еден период имаа минус од 19 поени.
Дуелот во Филалделфија мина во знакот на Џоел Ембид и Кајл Кузма. Ембид со 37 поени и 14 скока беше најефикасен кај Филалделфија, во чии редови уште се истакнаа Тобајас Херис со 22 и Џеј Џеј Редик со 21 поен.
На спротивната страна блескаше Кузма со 39 поени, Леброн Џејмс застана на 18 поени, 10 скока и 9 асистенции.
Далас Маверикс во драматичен меч ги совладаа Портланд 102:101. Лука Дончиќ 13 од своите 28 поени постигна во последниот период, кој Далас го добија 24:9. Демијан Лилард за Портланд постигна 30 поени, а Јусуф Нуркиќ оствари дабл-дабл од 18 поени и 10 скока.
Актуелните шампиони, Голден стејт Вориорс имаа негатива во првата четвртина 7:26 во дуелот со Мајами Хит, но на крајот победија 120:118. Демаркус Казинс на 5,4 секунди до крајот реализираше две слободни фрлања.
Кевин Дурент постигна 39 поени, десет повеќе од Клеј Томпсон, а Стеф кари запиша 25 коша.
Џош Ричардсон, со рекордни во кариерата 37 поени, беше најефикасен играч на Мајами.
Орландо Меџик беа убедливи против Атланта Хокс 124:108. Никола Вучевиќ забележа 19 поени и 12 скока, поен помалку постигна Теренс Рос.
Сакраменто Кингс очекувано ги совладаа Феникс Санс 117:104. Марвин Бигли забелеа 32 поени, а српските репрезентативци Богдан Богдановиќ и Немања Бјелица реализираа 14 односно 10 поени.
Девин Букер за Финикс постигна 27 поени. Играчите на Финикс го забележаа 14 пораз во низа.